Дончиќ: Бев „запален“ да им покажам што знам – мило ми е што го преслушавме Далас!

Кошаркарите на ЛА Лејкерс дојдоа до значајна победа во НБА-лигата, совладувајќи го Далас Маверикс во натпревар кој беше особено емотивен за нивната нова ѕвезда, Лука Дончиќ.

Словенечкиот ас се соочи со својот поранешен тим и оствари трипл-дабл учинок. Дончиќ натпреварот го заврши со 19 поени, 15 скокови и 12 асистенции, но немаше најдобра шутерска ноќ – погоди само шест од 17 обиди од поле и една тројка од седум обиди.

„Бев мотивиран, да не кажам запален, знаете како оди тоа, но едноставно не можев ништо да погодам. Среќен сум што победивме“, изјави Дончиќ по натпреварот.

Тренерот на Далас, Џејсон Кид, се обиде со различни тактички варијанти за да го запре својот поранешен играч, но без успех.

„Мораш да прифатиш што ти нуди противничката одбрана. Понекогаш ќе те дуплираат, понекогаш не. Важно е само да знаеш како да ја прочиташ играта“, истакна Дончиќ.

Словенецот призна дека овој дуел му бил емоционално напорен.

„Понекогаш ни самиот не знаев што правам. Драго ми е што е завршено. Ова беше навистина чуден натпревар“, рече тој.

Словенецот на крај го пофали и Леброн Џејмс, кој блесна во завршницата.

„Она што го прави со 40 години е неверојатно. Беше спектакуларен во последната четвртина“, заврши новата ѕвезда на Лејкерс.

Дончиќ и Лејкерси повторно ќе се соочат со Далас во април, што ќе биде уште една можност за емоционален пресрет со неговиот поранешен клуб.