
Дамјан: Никогаш не одбивајте да играте за Македонија - репрезентацијата е светост!
Тоа е Дамјан Стојановски, еден од најдобрите македонски кошаркар изминативе две децении, а кој сигурно влегува и меѓу десетмината најдобри на сите времиња. Тој вечерва официјално замина во репрезентативна пензија, откако пред почетокот на мечот против Полска доби пригоден дрес со кој „летна“ меѓу легендите.
„Колку и да е фраза – за мене репрезентативниот дрес секогаш бил светост. Нема нешто позначајно за еден спортист од играњето за својата држава, од улогата на амбасадор на земјата на која ѝ припаѓаш. Можеби беше пред 16 години, но уште го паметам моментот кога тогашниот селектор Јовица Арсиќ ме повика да влезам во игра на дуелот против Грција на ЕП 2009. Претходно одиграв неколку пријателски средби, но ова беше она вистинското. Противник кој мотивира, големи ѕвезди на другата страна и многу наши навивачи на трибините. Деби какво што секој спортист може да посака. Додека покажував знак за измена чувствував трема, но таа ја снема како зачекорив на паркетот. На таа и на сите останати средби за националниот тим давав сѐ од себе, не се штедев ниту се жалев себе си. Македонија е нешто свето и така се однесував кога играв за неа“, изјави Дамјан.
Тој има порака за сите помлади кошаркари, кои веќе се или допрва се надеваат дека ќе заиграат за најдобрата македонска селекција.
„Сум играл изморен, со ситни повреди, секогаш кога имало најмала шанса сум го прифаќал повикот на селекторот, кој и да бил тоа. Не ме интересирало ништо друго освен желбата да дадам сѐ од себе за репрезентацијата. Никогаш не сум помислувал да откажам, секако освен кога бев потешко повреден. Никогаш не се откажувајте од националниот дрес и од настапот за Македонија – репрезентативниот дрес дефинитивно е светост“, дополни емотивно еден од браќата-близнаци Стојановски.
Ќе остане запишано дека Дамјан одиграл 66 официјални натпревари за македонската селекција, бројка сигурно е и троцифрена ако се сметаат и пријателските дуели во изминативе 16 години. Дебитираше против Грците во Познањ во 2009 година, а опусот го заврши лани во ноември против Литванија во Клаипеда.