
Во Битола ќе биде жешко, Пелистер сака да го симне Алкалоид од врвот!
Пелистер брзо ги распродаде билетите за вечерашниот меч против Алкалоид, салата „Боро Чурлевски“ ќе биде полна, битолчани со поддршка од публиката ќе се обидат да го совладаат полетниот Алкалоид кој од година во година станува се подобар и веќе изгледа зрело за првата шампионска титула.
На првиот меч меѓу овие две екипи, момците на Лазаров не само што го победија, туку и го понижија Пелистер совладувајќи го со 32-25, па актуелниот шампион денеска ќе сака одмазда.
Но, влогот на натпреварот е многу повеќе од само лична пресметка, по овој дуел ќе се знае кој колку бодови ќе пренесе во плејофот, под претпоставка Пелистер, Алкалоид и Вардар да ги добијат своите натпревари во последните три кола од регуларниот дел. Нешто што би требало да се оствари.
Алкалоид е во пол позиција и сами ја решаваат својата судбина, потребно е само да не загубат со повеќе од седум голови разлика. Ако победат, одиграат нерешено или загубат со помалку од седум гола, тогаш ќе ја задржат првата позиција и ќе одат во плејофот со три бодови, Вардар и Пелистер ќе имаат по два.
На Пелистер му е потребна победа од девет или повеќе голови за да го освојат првото место, во тој случај Вардар би бил втор, а Алкалоид трет.
Сложена ќе биде математиката ако Пелистер слави со осум голови. При една таква победа и постигнати повеќе од 35 голови ќе бидат први, Вардар втор, Алкалоид трет. Ако триумфот биде со помалку од 35 голови, тогаш Вардар ќе биде прв, Пелистер втор, а Алкалоид трет. Ако резултатот вечерва биде 35-27 тогаш сите три екипи ќе имаат ист број на бодови и иста гол разлика, па ќе треба да играат мини турнир за конечен пласман на табелата.
Горенаведените комбинација ќе важат ако до крајот на регуларниот тек од сезоната трите фаворити ги победат своите противници.
Алкалоид игра дома со Пролет, му гостува на Куманово, па ќе го пречека Охрид.
Пелистер по мечот со Алкалоид ќе оди на гости во Радовиш, па ќе игра дома со Бутел и на крајот ќе гостува кај Прилеп.
Вардар дома игра со Тиквеш, на гости во Охрид, а завршува со Струга дома.