
Алкалоид ги дозна речиси сите можни ривали за четвртфиналето од ЕХФ Купот
Ждрепката за четвртфиналето од ова натпреварување ќе се одржи во вторник во 11 часот во Виена, а Алкалоид до моментов знае шест од седумте потенцијални ривали. Во конкуренција остануваат грчкиот шампион АЕК, потоа Партизан од Србија, Баја Маре од Романија, Рунар од Норвешка, Хаукар од Исланд и шампионот на БиХ, Љубушки. Последниот учесник во четвртфиналната фаза ќе се знае денеска, по реваншот меѓу Олимпијакос и Драмен кој се игра од 16:30 во Пиреја, а во кој грчкиот клуб влегува со предност од еден гол од првиот дуел.
Јасно е дека Алкалоид ќе добие потежок противник од претходните три кои ги помина без проблем, но тоа не се елитни европски клубови и тимот од Автокоманда има шанси против секој од нив.
На хартија, односно според играчите во тимот, најголем фаворит е АЕК и би било добро Алкалоид да го избегне овој ривал во четвртфиналето, но тимот на Кире Лазаров е подготвен за сите предизвици што го очекуваат на европска сцена сезонава.