По пауза од еден месец, Реал се израдува на победа во Ла Лига (ВИДЕО)

Шпанскиот првак Реал Мадрид ја прекина серијата од три натпревари без победа во домашното првенство откако попладнево на домашен терен ја совлада Жирона со 2-0.

Победата доаѓа по еден месец, односно по 23 јануари кога „кралевите“ славеа на гостувањето кај Ваљадолид со 3-0. По тој меч загубија од Еспањол и одиграа нерешено со Атлетико и Осасуна, ривалите го искористија тоа и сега има драматична ситуација на врвот на табелата во Ла Лига.

Победата против Жирона ја најави Лука Модриќ со фантастичен гол во 35. минута што беше и единствен момент за спомнување во првото полувреме. Реал доминираше и во натамошниот дел од мечот, но немаше многу изгледни шанси за гол, до 83. минута кога Винисиус го постави конечниот резултат, на асистенција на Мбапе. На овој натпревар не играше Џуд Белингам кој ја издржува казната од два натпревара поради црвениот картон од дуелот со Осасуна минатата недела.

Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски во игра влезе во 75. минута, но немаше поголем придонес во играта на Жирона.