Маслинко: Штета за шансата - се надевам дека ќе успееме за следното ЕП!

Македонската кошаркарска репрезентација ги загуби шансите за пласман на ЕП 2025, откако вечерва загуби од Естонија (65-84) во Талин, што за нас беше втор пораз од истиот противник во квалификациите.

Иако Македонија влезе добро во натпреварот и замина на полувремето со минимално водство, цврстата одбрана на домаќинот и недостатокот на разновидност во играта пресудија во второто полувреме, што резултираше со пораз од 19 поени разлика. По натпреварот, на прес-конференцијата се обрати и репрезентативецот Андреј Маслинко, кој одигра одличен меч со 15 поени и седум скока.

„Го започнавме натпреварот добро и ја контролиравме играта во првото полувреме. За жал, во продолжението работите се сменија и доживеавме тежок пораз. Штета што не успеавме да избориме пласман, но се надевам дека следниот пат ќе успееме“, изјави Маслинко.

Македонија ќе ги затвори квалификациите в понеделник со дуел против Полска во СРЦ „Кале“, но без шанси за учество на Евробаскетот.