Ќе се „лапаат“ долари: Македонскиот шампион следната сезона ќе игра во лига со – Абу Даби!

Постојат огромни шанси од следната сезона, АБА2 лигата ќе добие нов учесник – Абу Даби.

Како што пренесуваат српските медиуми, градот кој оваа година ќе биде домаќин на завршниот турнир на Евролигата има големи амбиции за создавање силен кошаркарски клуб, што значи дека македонските претставници во лигата ќе добијат нов ривал од Обединетите Арапски Емирати. Според актите, учесниците во плејоф финалето во нашето првенство автоматски добиваат виза за настап во АБА2, а постои можност за уште една екипа да влезе со вајлд-карта, која ќе биде и тоа како барана со вакво најавено друштво, кое заедно со себе носи и голема сума долари.

Ова е уште еден чекор кон проширување на АБА системот, откако оваа сезона во првата АБА лига веќе дебитираше Дубаи. Проектот на Дубаи донесе играчи со европско искуство како Данило Анѓушиќ, Клемен Препелич и Дејвис Бертанс, а Абу Даби сега следи сличен пат, но со поумерен пристап. Градот веќе располага со модерна сала во која ова лето се одиграа натпревари на НБА тимови, а планот е да се изгради клуб кој ќе може да конкурира на европската кошаркарска сцена. Засега, фокусот е на постепен развој преку АБА2 лигата, додека за влез во најсилното јадранско натпреварување ќе биде потребна согласност од сите учесници во регионот.

Со овој потег, АБА2 станува уште поконкурентна лига, а македонските екипи ќе добијат можност да се соочат со еден амбициозен проект кој има потенцијал да стане сериозен фактор во регионалната кошарка.