ЧатГПТ е дециден – постои само еден фаворит за триумф во Купот на Македонија!

Примената на вештачката интелигенција станува се почеста во речиси сите гранки на човековото живеење, а речиси не постои светски медиум кој не го употребил најпознатиот софтвер „ЧатГПТ“ за да го праша нешто односно за да добие фидбек за некој настан.

Така редовно може да се прочитаат прогнозите на „компјутерите“ за тоа кој ќе биде светски или европски првак, односно победник во Лигата на шампионите или националните првенства, поради што „Спорт1.мк“ се реши да ја искористи оваа алатка во пресрет на завршниот турнир од Купот на Македонија во кошарка. Вештачката интелигенција во овој случај е децидна – МЗТ Скопје е убедливо најголем фаворит за освојување на победничкиот пехар.

„Ако треба да прогнозирам најверојатен победник, би одел со МЗТ Скопје како фаворит. Тие имаат најголема стабилност, квалитетен ростер и искуство во вакви натпреварувања. Сепак, Пелистер би можел да биде сериозен конкурент, особено ако има добар ден и ја покаже формата од најдобрите натпревари. Работнички, иако традиционално силен тим, во последниве години не е на нивото на МЗТ, но секогаш може да приреди изненадување. Доколку бараме потенцијален 'аутсајдер' што би можел да направи изненадување, би ги следел ТФТ или Гостивар, кои знаат да бидат незгодни во вакви елиминациски натпревари. Но, ако морам да изберам еден тим – МЗТ Скопје има најголеми шанси да го освои Купот на Македонија 2025“, ни одговори ЧатГПТ.

Завршниот турнир почнува утре со четвртфиналните пресметки помеѓу ТФТ и Гостивар (13 часот), Пелистер и Чаир 2030 (15.30 часот), Кожув и Куманово (18 часот) и МЗТ и Работнички (20.30 часот).