Алкараз мораше да игра три сета за да ја мине првата пречка во Ротердам

Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз со тешка победа стартуваше на турнирот во Ротердам откако денеска го совлада Ван де Зандшлуп од Холандија со 2-1 (7-6, 3-6, 6-1).

Ова беше негов прв настап на турнир по елиминацијата од Ѓоковиќ на Австралија опен, а мораше на теренот да остане 155 минути за да се пласира во следната фаза. Во првиот сет два пати мораше да се спасува од брејк негатива за потоа да слави во тај-брејк со 7-3. Во вториот сет Ван де Зандшлуп направи брејк во шестиот гем и потоа израмни на 1-1, а дури во третиот сет Алкараз заигра како што се очекува од него и стигна до победата.

Во осминафиналето, тој ќе се сретне со подобриот од дуелот меѓу Вавасори од Италија и Оже-Алијасим од Канада кои утре ќе го одиграат својот дуел. Од најдобрите светски тенисери, во Ротердам учествуваат уште Медведев, Циципас, Де Минор, Хуркач итн.