Тенискиот свет во шок: Халеп ја заврши кариерата!

Најдобрата романска тенисерка Симона Халеп донесе неочекувана одлука да ја заврши својата професионална кариера.

Иако последните години имаше проблеми со повреди, никој не очекуваше дека некогашната прва тенисерка во светот сега ќе го напушти овој спорт. Во моментот на објавата на одлуката, Халеп се наоѓаше на 868. место на ВТА листата.

„Повредата на коленото која ја имам е прилично сериозна и тешко е да се санира. Не знам дали се плашам да се туркам себеси до крајни граници, но кога чувствувам болка, тешко ми е да играм на највисоко ниво. Моето колено никогаш нема целосно да заздрави, а ми советуваа операција што е комплицирана процедура, па мислам дека нема да поминувам низ тоа. Животот оди натаму и ќе ги прифатам работите какви што се“, објави Халеп.

Романката е двојна Гренд слем шампионка, триумфираше на „Ролан Гарос“ во 2018 и Вимблдон во 2019 година, а играше финале на Австралија опен 2018 година. Во кариерата има 24 титули на ВТА турнирите, а на првото место помина вкупно 64 недели.