Шпанската полиција го пронајде безживотното тело на хрватскиот фудбалер кој исчезна во петокот

Во близина на пристаништето на Аликанте, шпанската полиција  синоќа го пронашла безживотно, телото на хрватскиот фудбалер Јаков Јелкиќ по кој се трагаше откако исчезна во петокот навечер.

Телото на 24-годишниот Хрват било лоцирано на два метра длабочина, а полицијата претпоставува дека се работи за несреќен случај во кој не учествувале други лица. Обдукцијата на телото ќе биде извршена денеска по што ќе биде утврдено дали врз Јелкиќ била употребена сила или тој самиот потонал од невнимание.

Починатиот фудбалер бил член на швајцарскиот клуб Гранж Пако, а во Шпанија бил поради одигрување пријателски натпревар. Според информациите од соиграчите, во петокот навечер излегол со нив во еден ноќен клуб. На заминување, тој забележал дека му ја нема јакната, па се вратил да ја земе, а надзорните камери последен пат го виделе во 2:30 часот по полноќ.

Во саботата наутро соиграчите не го нашле во неговата соба и гоо пријавиле неговото исчезнување. Сестрата на Јелкиќ од Швајцарија почнала истрага преку социјалните мрежи, медиумите и институциите, а потрагата синоќа резултатираше со трагичен епилог.