Нов голем трејд: „Кралевите“ за Фокс добија повеќе од што Далас доби за Дончиќ!
Овие две трејд-зделки поставуваат прашање – кој доби повеќе за својот суперстар? Сан Антонио Спарс ги доби Дерон Фокс, Џордан Меклафлин, Сакраменто Кингс заврши со Зак Лавин, Сиди Сисоко и со по три избора од првата и од втората рунда на драфтовите во следните неколку години, додека Чикаго Булс ги доби Зак Колинс, Треј Џонс и Кевин Хуертер. Со оваа размена, „мамузите“ од Тексас добиваат олстар плејмејкер во најдобрите години од кариерата, кој со 27 години ќе може да се вклопи покрај нивниот нов суперстар Виктор Вембањама. Фокс оваа сезона бележи просек од 25 поени, пет скокови и шест асистенции, што го прави идеален партнер за Вембањама.
„Кралевите“, пак, добива солидна противвредност за Фокс. Покрај Лавин, кој е докажан поентер, тие добиваат длабочина во ростерот и шест драфт-пикови, што им отвора простор за идни засилувања. Во контекст на неодамнешната трејд-размена на Лука Дончиќ, оваа зделка добива дополнителна тежина. Лејкерс за Дончиќ на Далас му дадоа само еден пик од првата рунда, но во замена го испратија Ентони Дејвис – играч со докажан шампионски квалитет. Ова поставува прашањето: дали Кингс добија повеќе за Фокс отколку што Далас доби за Дончиќ?
Во споредба со трејдот на Дончиќ, Сакраменто можеби извлече подобар пакет во однос на драфт-пиковите, но квалитетот на играчите во замена не е на исто ниво како Ентони Дејвис. Од друга страна, Лејкерс жртвуваа само еден пик, но добија генерациски талент. Која од овие две разменски стратегии е подобра – останува на времето и резултатите да покажат.
Очигледен губитник во оваа зделка се чини дека е Чикаго Булс. Со трејдот тие практично само се ослободија од скапата плата на Лавин, која изнесува околу 45 милиони долари годишно до 2027 година. Играчите што ги добија не изгледаат како решение за долгорочна конкурентност, а најголемата добивка им е враќањето на својот драфт-пик, што навестува дека тимот планира намерно да губи до крајот на сезоната за да биде погоре при изборот на идните таленти.