
Таленти на Алкалоид и Мулти Есенс учеа од големи имиња на настан на ЕХФ (ФОТО)
Дамјан Митев, Марин Крстевски и Ѓорѓи Николовски се најдоа меѓу 30-те најталентирани млади ракометари во Европа, селектирани врз основа на нивните настапи на М18 ЕХФ Еуро, одржано летово во Црна Гора. Како дел од програмата, тие учествуваа на годишниот камп во Виена, каде што имаа можност да учат од врвни ракометни амбасадори, меѓу кои Ханс Линдберг (Данска), Љубомир Врањеш (Шведска), Вид Кавтичник (Словенија) и Карлос Прието (Шпанија).
Освен спортските аспекти, на кампот се обработуваа теми како нутриционизам, социјални медиуми, анти-допинг, двојни кариери, психолошки вежби и спортски закони. Секоја тема беше водена од специјализирани експерти, кои заедно со амбасадорите им помагаа на младите играчи да стекнат пошироки знаења потребни за професионалниот развој.
Овој проект на ЕХФ претставува важен чекор во градењето на нови генерации ракометари, обезбедувајќи им поддршка и совети кои ќе им помогнат во понатамошната кариера.
ФОТО: ЕХФ