Баскет-циркусот продолжува - неодигран мечот меѓу Вардар и Шкупи!
Од Куќата на кошарката останаа на својата одлука да не се играат натпревари во малата сала од СРЦ Кале затоа што записничката маса не е на пропишаното растојание од теренот. Со тоа продолжува циркусот во македонската кошарка затоа што безмалку четири месеци од оваа сезона, натпревари се играа во истиот објект каде теренот и просторот и претходно беа со истите димензии.
„По чекање од 30 минути, констатирано е дека согласно пропозициите кои се наложени од Кошаркарскатта федерација на Македонија и Комесарот на лигата за одигрување официјални натпревари, салата на КК Вардар Скопје НЕ ги исполнува во моментот соодветните услови. Констатирано е дека просторот од 2 метра околу теренот за игра е помал во делот кај записничката маса, односно е помал за 50 сантиметри. Поради тоа, натпреварот меѓу екипите на Вардар и Шкупи не е одигран на ден 25.01.2025 година од 18 часот“, стои во записникот од овој натпревар.
Куриозитет е тоа што претставниците на Шкупи беа согласни да играат во вакви услови, но делегатот Антонио Теофиловски остана на својот став дека не може да се одржи натпреварот. Во други случаи оваа сезона, се практикуваше можноста двата клуба да се договорат дали ќе се играат натпревари во ситуација кога условите на КФМ не се исполнети, но сега таква можност не им беше дадена на клубовите. Натпреварот е закажан за утре од 18 часот во салата „Независна Македонија“ во Кисела Вода.