Душебаеви ја спасија Шпанија: Алекс погоди за израмнување, Даниел го „одбрани“ последниот шут (ВИДЕО)

Репрезентациите на Шведска и Шпанија одиграа еден од најинтересните и највозбудливи натпревари на Светското ракометно првенство.

Мечот заврши без победник (29-29), но Шпанците прославија како да ја освоиле титулата бидејќи неколку пати во текот на натпреварот се наоѓаа во нокдаун. Швеѓаните во првото полувреме имаа предност и од седум разлика (15-8 и 16-9), на средината од вториот дел беше 23-17, но сепак заврши нерешено. Шпанците во текот на натпреварот имаа само едно водство и тоа со 2-1

Вистинска драма се случуваше во последните десет секунди, а херои беа браќата Душебаеви. Швеѓаните имаа водство од 29-28 кога Алекс ја презеде одговорноста и со проектил го израмни резултатот. Противникот имаше време само за шут од центарот на теренот, тоа и го направи, но пред голот се испречи Даниел Душебаев кој спречи победа на шведската репрезентација.

Двете репрезентации ќе пренесат по три бода во следната фаза во која за противници ги добија Португалија, Норвешка и Бразил.

Во директниот дуел за првото место во групата Г, Исланд ја совлада Словенија со 23-19 и во главната рунда ќе пренесе максимални четири бода.