Ракометарите нема што да загубат против Холандија, ама можат да добијат – (пре)многу!
Од Вараждин, Хрватска
ИГОР КРСТЕВСКИ
Фактот што Гвинеја се покажува како „залутана“ селекција на турнирот и победата во дуелот со нив закажан за в недела би требало да биде рутинска задача, денешната пресметка со „лалињата“ отвора нови хоризонти за момците предводени од Кирил Лазаров. Со евентуална победа против фаворитот, кој го доби ваквиот епитет од букмејкерите, на жолто-црвените им се отвораат видиците од прекрасен хоризонт на кој во таква ситуација ќе може веќе да се гледа и пласман во четврт-финалето. Секако ова е далеку и не треба воопшто да се размислува на такво нешто, но со оглед што вкрстуваме со група во која освен Франција нема некоја селекција која би била (пре)голем баук за нашите ракометни херои, не треба да се плашиме со вакви размислувања уште од сега.
Играта на Холандија помалку ни одговара, барем така вели најстручниот за ваква оценка, селекторот Лазаров, што секако нема да значи дека тој и неговите помошници нема да пронајдат адекватна тактика за брзите „лалиња“. Мотив плус за нашите ракометари е и желбата да му се реваншираме на противникот за поразот на претходниот Мундијал пред две години во Краков, каде што загубивме со минус 10 (24-34). Голема предност за нашата репрезентација ќе биде навивачката Фаланга, која се очекува денеска да биде побројна со оглед што почнува викендот.
Многу работи, секако, ќе зависат од голманите, пред се од најискусниот Никола Митревски, кој ја „спушти ролетната“ против Унгарците и со 14 одбрани беше еден од најзаслужните за бодот. Но, тука се и помладите Кизиќ и Галевски да помогнат ако затреба нешто такво. Филип Кузмановски завчера одигра како голем капитен, до врв ја наполни мрежата на противникот (10 гола), па уште една ваква негова партија ќе значи и голем чекор напред кон остварување на посакуваната цел – триумф над Холандија.