„Ќе се бориме за опстанок во лигата, но и за трофејот во Купот на Македонија“

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар почна со подготовките за вториот дел од сезоната во Првата лига, каде што го чека тешка битка за опстанок во елитата, но и борба во македонскиот Куп.

„Црвено-црните“ направија големи промени во претходните денови, а како нови засилувања на Вардар пристигнаа Георги Јанкулов, Давор Талески, Едиз Спахиу и Михал Пинтер.

„Имаме високи очекувања за вториот дел од сезоната. Приоритет ни е добар пласман на табелата, но и Купот на Македонија. Ќе мора на секој меч да одиме на три бода“, кажа голманот Талески.

Едиз Спахиу и Михал Пинтер, исто така, ги кажаа своите очекувања, односно најавија борба за трофејот во Купот.

„Очекувам да останеме во лигата, а сакаме да го освоиме и Купот. Се надевам дека сè ќе биде добро на крајот“, кажа Спахиу.

„Ќе се борам максимално за Вардар. Прва цел ни е опстанок во лигата, а втора цел ни е освојување на Купот“, посочи Пинтер.