Дербито решено за пет минути: МЗТ со камата му се реваншира на Пелистер (ФОТО)

Кошаркарите на МЗТ Скопје одлично ја почнаа новата година, откако лесно и убедливо го добија дербито на домашен терен против Пелистер (82-62), со што со камата им се реваншираа на битолчани за поразот во Битола (67-68) во првиот дел од шампионатот.

Вечерашната пресметка на најдобрите два клуба во државата во изминативе неколку години, за што сведочат многуте финални пресметки во плејофот и Купот, беше решена уште по првите пет минути. Аеродромци почнаа со десет поени во низа во првиот пет минути, во кои одиграа агресивна одбрана, која како да ги збуни гостите, кои никако не можеа да ја протнат топката низ обрачот. Шампионот по првата четвртина поведе со 20-7 и речиси да ја осигура победата, со оглед што до крајот само ја зголемуваа предноста. Битолчани најмногу што направија беше намалувањето на минус девет на стартот на третиот период (32-41), што беше напредок по дотогаш најголемиот минус од 19 поени (14-33), но тоа беше сѐ што направија во „Јане Сандански“.

Избраниците на тренерот Васко Атанасов не попуштија, го одржуваа одличниот ритам за што говорат и преубедливите 79-55 како кулминација на сино-белата доминација. Дион Едвин со 18 поени беше најпрецизен кај „металците“, Андреј Магдевски одигра одлично со 16 поени, 10 скока и пет асистенции, а најдобрата тројка на победникот ја комплетира Андреј Маслинко со 15 поени. Брајан Антоан и Бобан Стајиќ со по 14 поени беа најефикасни кај зелено-белите.

МЗТ со скор 10-3 останува на делба на првото место со ТФТ, кој има идентичен учинок, додека Пелистер сега ја дели третата позиција со Кожув со девет победи и четири порази.