Кузмановски: Ќе сториме сѐ да ја израдуваме цела Македонија!

Македонската ракометна репрезентација се подготвува за настап на Светското првенство во Хрватска, Данска и Норвешка, каде што во првата фаза своите натпревари ќе ги одигра во Вараждин.

Капитенот Филип Кузмановски се осврна на предизвиците од бараж-дуелот со Фарски Острови и ги сподели своите очекувања за претстојниот Мундијал.

„Квалификациите против Фарски Острови беа голем тест за нас. Таму ни беше тешко, но со македонскиот дух и решителност успеавме. Тоа е Македонија која треба да ја покажеме – комбинација од нашето искуство и енергијата на младите момци. Во тешка група сме, но пристапуваме чекор по чекор, со темелна анализа и максимална подготовка за секој противник. Уверен сум дека нашите навивачи ќе бидат со нас и дека ќе покажеме како се игра за Македонија. Имаме високи цели и веруваме во нашиот квалитет, со надеж дека ќе ја израдуваме нацијата“, истакна Кузмановски.

Македонија ќе се натпреварува во група со Холандија, Унгарија и Гвинеја, а првиот дуел е закажан за 15 јануари против унгарските репрезентативци.