Министерството за спорт вечерва ги додели наградите за најдобрите спортисти во 2024 година, па така наградата за спортист на годината му припадна на кикбоксерот Бобан Илиоски, додека кај дамите најдобра беше Милјана Рељиќ.

Илиоски неодамна стана европски шампион во категорија до 86 килограми, па така втора година по ред го добива признанието – спортист на годината.

„Чест и задоволство ми е што ја добив наградата за најдобар спортист во Македонија. Ќе ја претставувам државата и понатаму на најголемите сцени“, кажа Илиоски.

Наградата за најдобра спортистка во 2024 година ѝ припадна на македонската таеквондистка Милјана Рељиќ.

„Нема подобар начин од овој да се заврши годината. Благодарна сум за номинацијата, но за оваа награда се заслужни и моето семејство и тренерот Александар Ефтимов кои ми помогнаа да постигнам успеси. Иако не освоивме медал на Олимписките игри, сепак покажавме дека може да се бориме против најдобрите“, кажа Рељиќ.