ФФМ денеска добива нов претседател, Сејдини ќе му го отстапи столчето на Омерагиќ
Досегашниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини пред извесно време си поднесе оставка од функцијата, таа денеска треба да биде усвоена по што ќе се случи гласање за нов претседател.
Масар Омерагиќ како единствен кандидат за нов предводник на македонскиот фудбал треба да ја добие довербата од делегатите и официјално да биде „крунисан“ за нов претседател на ФФМ.
Со оглед на тоа што се е познато, не се очекуваат бури на денешното Собрание, туку само формално предавање на фудбалската власт.
Масар Омерагиќ ќе биде седмиот претседател во историјата на ФФМ по осамостојувањето на Македонија. Досега на оваа функција беа: Алексо Кипровски (1992-1993), Љубисав Иванов – Ѕинго (1993-1999), Ламбе Арнаудов (1999-2002), Харалампие Хаџи-Ристески (2002-2012), Илчо Ѓорѓиоски (2012-2018) и Муамед Сејдини (2018-2024).
Омерагиќ е поранешен фудбалер на Слога Југомагнат, Балкан, Вардар... кои освојуваше шамионски трофеј во македонското првенство, по крајот на играчката кариера стана фудбалски работник и е долгогодишен успешен бизнисмен.
По Ламбе Арнаудов и Илчо Ѓорѓиоски, тој ќе биде само третиот претседател на ФФМ со фудбалско педигре.