Милевски: Добивме група во која може да се надеваме на добар пласман!

Maкедонската фудбалска репрезентација денеска во Цирих за противници во квалификациите за СП 2026 ги доби селекциите на: Белгија, Велс, Казахстан и Лихтенштајн и тоа е група која ни дава право да се надеваме на добар пласман.

Дека Македонија има група во која може да се надева на успех смета и селекторот Благоја Милевски.

Извлекувањето во Цирих ни носи надеж. Добивме група со репрезентации со кои може да играме и да се надеваме на добар пласман.  Белгија е голем фаворит. Една од најсилните светски селекции и ќе биде големо изненадување доколку не успее да го освои првото место во оваа конкуренција.

Велс е одлична репрезентација, тим кој игра динамичен и брз фудбал. Се разбира дека влегуваат со свои пресметки за конечниот пласман во групата, но убеден сум дека можеме да се спротивставиме на вистински начин.  Казахстан и Лихтенштајн можеби немаат позитивни резултати во последните квалификациски циклуси, но секој нов почеток е нова надеж и за условно, помалите репрезентации во групата. 

За мене е важно ние да го задржиме истиот пристап како на последните натпревари од Лига на нации, силно мотивирани да влеземе во квалификациите и да одново да се бориме за резултат кој може да ни донесе можност за евентуален пласман на големо натпреварување”, изјави Милевски.

Ќе потсетиме, првопласираната селекција од групата обезбедува директен пласман на Мундијалот, додека второпласираната ќе оди во бараж.