Ник Кирјос по пауза од повеќе од две години се враќа на Гренд слем турнирите

На нешто повеќе од еден месец пред почетокот на Австралија Опен, организаторите го објавија списокот на учесници кои директно (без квалификации) ќе настапат на овој турнир.

На шестмина тенисери им е овозможено преку т.н. заштитен рејтинг да учествуваат во главната ждрепка, а меѓу нив е и локалната ѕвезда Ник Кирјос кој долго време не беше на терените поради проблеми со повреди. Последен Гренд слем на кој настапи беше УС Опен во 2022 година кога стигна до четвртфиналето. Неговиот последен настап воопшто беше на турнирот во Штутгарт во 2023 година по што паузираше се досега.

Интересно е тоа што и покрај долгата пауза, Кирјос ќе настапи како 21. носител поради правилото на Австралија опен - на тенисер кој е повреден подолго од шест месеци да му се зема предвид просечниот пласман во првите три месеци по повредата.