Ужасно е во Работнички – нема пари за сала, кирии, патувања, дури и за јадење!

Кошаркарите и тренерите на Работнички денеска објавија соопштение во кое го изразуваат незадоволството од, како што велат, целосната негрижа од управата на клубот.

Според нив, во последните четири месеци клубот се наоѓа во тешка состојба, каде речиси никој од управата, освен Бранко Радевски, не покажал интерес за состојбата на играчите. Како што истакнуваат, спортскиот директор Горан Веселиновски не се појавил на состаноци со тимот. Играчите посочуваат дека финансиската криза е особено изразена – на некои кошаркари им се должат и до пет плати од оваа и минатата сезона. Уште позагрижувачки, според нив, е отсуството на основни услови за тренинг. Тимот тренира во школска сала без адекватна опрема, со недостаток на кошаркарски топки, лекарства, па дури и мраз и бандажи за повреди.

„Принудени сме сами да плаќаме за термини во спортски сали за да се подготвиме за натпреварите. Постојат играчи и членови на стручниот штаб кои ги плаќаат своите кири за стан, бидејќи клубот не ги подмирува обврските“, се вели во соопштението.

Дополнително, тимот се соочил со ситуации каде патувал со сопствени автомобили на натпревари или на долг пат, како што беше случајот со Сараево, без обезбеден оброк. Како уште еден проблем, играчите ја споменуваат административната негрижа, поради која Работнички е единствениот клуб кој не ги добил своите ваучери. Поради оваа состојба, играчите и стручниот штаб велат дека нивниот настап на следниот натпревар, закажан за недела, е под знак прашалник.

„Доколку не се преземат итни мерки за подобрување на ситуацијата, очекуваме спортската јавност да има разбирање за нашите одлуки“, завршуваат кошаркарите во своето соопштение.

Работнички и покрај проблемите е во горната половина од прволигашката табела со скор 5-2.