Почнува ЕП за жени: Македонија чека победа веќе 16 години
Ова е прв шампионат во историјата на кој ќе учествуваат 24 репрезентации, поделени во шест групи, а натпреварите ќе се играат во Дебрецен, Базел, Инсбрук и Виена. Титулата ја брани Норвешка која триумфираше на последните двата шампионата и со девет трофеи е убедливо најуспешна репрезентација.
По седми пат, на европските првенства ќе учествува и македонската репрезентација која пласман обезбеди со второто место во квалификациската група со Шпанија, Литванија и Азербејџан. Со тоа, првпат по долго време, женската селекција фати континуитет од два настапа на континенталните натпреварувања.
На овој шампионат, македонската репрезентација ќе се обиде да ја прекине лошата серија и да се тргне од дното на кое заврши на последните две првенства на кои учествуваше. Својот најдобар пласман, Македонија го оствари во 2008 година кога беше домаќин и заврши на седмата позиција. Оттогаш (11 декември 2008 година) датира и последната победа на македонската репрезентација на европските првенства, остварена против Белорусија со 29-24.
Во 2012 година, нашиот тим беше последен, 16-пласиран со биланс 0-3, исто како и пред две години во Скопје. Тие беа единствените две учества на Македонија на европските првенства во последните 16 години.
На шампионатот кој почнува денеска, Македонија е во групата А која се игра во Дебрецен, а каде се домаќинот Унгарија, потоа Шведска и Турција. Со оглед на тоа што во следната фаза продолжуваат само двете најдобри селекции, ќе биде голем предизвик за македонската репрезентација да освои едно од првите две места во групата, но ќе се обиде барем да го прекине 16-годишниот пост. Сите во тимот се едногласни дека шансата е Турција која нема голема ракометна традиција и која е дебитант на европските првенства. Прв противник ни е Шведска, вечерва од 20:30 часот.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ НА МАКЕДОНИЈА
28.11.2024 Македонија - Шведска 20:30
30.11.2024 Македонија - Турција 20:30
02.12.2024 Македонија - Унгарија 18:00