Нов голем проблем за Анчелоти – уште еден повреден првотимец!

Фудбалерот на Реал Мадрид, Едуардо Камавинга, се здоби со мускулна повреда за време на синоќешниот натпревар против Ливерпул (0-2) во Лигата на шампионите, откако беше принудно заменет во 56. минута.

Тој, според шпанските медиуми, денеска ги помина потребните медицински тестови, кои откриле дека има повреда на тетивата зад коленото. Како резултат на ова, сигурно е дека ќе го пропушти неделниот натпревар против Хетафе, а се проценува дека ќе биде надвор од терените околу три седмици. Оваа повреда доаѓа само неколку месеци откако Камавинга веќе имаше проблеми со коленото и шест недели отсуствуваше од терените.

Французинот со ова ќе се приклучи на долгата листа на повредени играчи во Реал Мадрид на која веќе се наоѓаат Дани Карвахал, Едер Милитао, Винисиус Жуниор, Родриго и Аурелиен Чуамени. Давид Алаба исто така сè уште закрепнува од повреда.