Се тресе фотелјата на Анчелоти, наследникот е подготвен
Од почетокот на сезоната Карло Анчелоти не може да смета на повеќе фудбалери, а во меѓувреме заврши сезоната за еден од лидерите Дани Карвахал. Во првенството, Реал заостанува четири бода зад Барселона со натпревар помалку што и не е така лошо ако се има предвид дека неодамна разликата беше девет бода, но алармантна е ситуацијата во Лигата на шампионите каде тимот е на 24. место, последно кое води во плејофот.
Шпанските медиуми тврдат дека синоќешниот пораз од Ливерпул го вклучил алармот на Бернабе и дека не е исклучено во случај на уште еден кикс, Карло Анчелоти да добие отказ од тренерската позиција. Наводно, подготвена е и неговата замена.
„Имам информации дека на Сантијаго Солари му е соопштено да биде подготвен за секој случај. Тој ќе биде тренер ако Анчелоти добие отказ“, тврди шпанскиот новинар Роберто Моралес.
Солари веќе има искуство како тренер на Реал. Во сезоната 2018/19, кога отказ доби Жулен Лопетеги, аргентинскиот стручњак седеше на клупата нешто повеќе од четири месеци, а доби отказ по понижувачкиот пораз од Ајакс во Лигата на шампионите.