Малку поинаков Елмас: Јадењата на мајка ми се најубави во светот – го гарантирам тоа!
Без разлика што е еден од најпознатите македонски фудбалери, тој беше расположен да раскаже повеќе за својот живот на теренот и надвор од него и тоа во „Мандарина“, место каде што најчесто ужива во своите омилени десерти и каде што ги стекнал првите работни навики помагајќи му на татко му. Елмас открива дека неговиот ден започнува рано, со тимот појадува во кантината пред да започне тренингот, по кој следува масажна терапија и сауна, што е дел од неопходната регенерација на телото.
„Деновите ми се скоро идентични, без големи промени. Можеби звучи здодевно, но таков е животот на речиси секој професионален фудбалер“, вели Елмас.
Елиф признава дека Лајпциг е мал, убав град, но значително поразличен од Скопје.
„Лајпциг е совршен за фамилии, но бидејќи сум сам, понекогаш знае да биде досадно. Сепак, се снаоѓам“, дополнува тој.
Елмас за слаткарницата „Мандарина“ зборува со посебна љубов. Неговите омилени десерти се трилече, еклери и тулумби.
„Тешко е да одберам само еден, листата на желби секогаш се зголемува“, шеговито коментира фудбалерот.
Во слободното време ужива во прошетки во природа, играње тенис, и домашни собиранки со пријателите. Но, најомилен му е моментот кога ќе се врати дома и ќе го дочека топол оброк од мајка му.
„Храната на мајка ми е најубава на светот, го гарантирам тоа. Ништо не може да ја замени!“, завршува со насмевка.
Оваа искрена приказна покажува дека зад успехот на теренот стои личност која цени мали радости во животот, од топол семеен оброк до вкусна тулумба во „Мандарина“. Неговото необично интервју во целост може да го прочитате ТУКА.