„Лага е дека намерно му покажав жолт картон на Алиоски за да ќарам пари!“

Англискиот судија, Дејвид Кут, категорично ги отфрли обвинувањата дека намерно му покажал жолт картон на фудбалерот на Лидс, Езџан Алиоски, на натпревар одигран во 2019 година.

Тој бил обвинет за вакво нешто како дел од обид за обложувачка измама.

„Силно ги отфрлам овие лажни и клеветнички наводи. Без оглед на предизвиците во мојот приватен живот, тие никогаш не влијаеле на моите судиски одлуки. Секогаш сум го почитувал интегритетот на играта, судејќи непристрасно и најдобро што можам,“ изјави Кут во своја одбрана.

Според британскиот весник „Сан“, познаник на Кут го замолил пред натпреварот да му покаже жолт картон на Алиоски за да се обложи на таа опција. Инцидентот се случил на натпреварот помеѓу Лидс и Вест Бромвич, кога македонскиот репрезентативец добил жолт картон во 18. минута. Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) веќе отвори истрага за овој случај.

„Ова се многу сериозни обвинувања и ние итно ги истражуваме“, изјави портпаролот на ФА.

Контроверзиите околу Кут се продлабочија откако на социјалните мрежи се појави видео во кое тој дава погрдни коментари за поранешниот менаџер на Ливерпул, Јирген Клоп, што доведе до негова неодамнешна суспензија.