Аморим по дебито на клупата на Јунајтед: Пред нас е долг период на страдање!
„Црвените ѓаволи“ се наоѓаат во тешка ситуација, што Португалецот не го криеше, па нагласи дека клубот е пред голем предизвик да се врати на вистинскиот пат.
„Знам дека навивачите се фрустрирани, но во моментов правиме големи промени. Со толку многу натпревари и малку време за тренинг, потребно е трпение. Имавме шанса да победиме против Ипсвич, но можевме и да загубиме, ако не беше Онана. Играчите имаа само два дена тренинг, а треба да смениме многу работи“, изјави Аморим.
Тој додаде дека Премиерлигата е исклучително конкурентна и бара голема подготвеност:
„Моите фудбалери премногу размислуваа за позиционирањето, што се чувствуваше на теренот. Не само кога ја имаа топката, туку и без неа. Тоа е голем предизвик кога имате само два дена за да го подготвите тимот“, дополни новиот стратег на гигантот од „Олд Трафорд“.
Манчестер Јунајтед по 12 одиграни натпревари се наоѓа на 12. место на табелата со 16 освоени бодови.