Стотици пати се возеа на ескалатор за бесплатно да ја гледаат Ф1 трката во Лас Вегас (ВИДЕО)

Цените на влезниците за Формула 1 трката во Лас Вегас, која се возеше изминатиов викенд, се движеа од 150 до 600 долари, но стотици навивачи најдоа начин да го следат спектаклот бесплатно.

Искористувајќи ги големите подвижни скалила во „градот на коцката и забавата“, тие се спуштаа и повторно се качуваа за да добијат поглед на улиците каде болидите се тркаа со неверојатна брзина. На трката триумфираше возачот на Мерцедес, Џорџ Расел, неговиот клупски колега Луис Хамилтон заврши втор, третото место го освои Карлос Саинц од Ферари, додека Шарл Леклер од Ферари беше четврти, а Ландо Норис од Мекларен заврши шести.

Возачот на Ред Бул, Макс Ферстапен, кој трката ја заврши на петтото место, ја обезбеди својата четврта последователна титула во Формула 1-шампионатот. Со освоени 403 поени две трки пред крајот, тој има недостижна предност пред второпласираниот Ландо Норис, кој има 340 поени. Со оваа титула, Ферстапен се изедначи со легендите Алан Прост и Себастијан Фетел по бројот на шампионски титули, додека пред нив се наоѓаат само Хуан Мануел Фанџо со пет титули и Луис Хамилтон и Михаел Шумахер со по седум.

Во конкуренција на конструктори, Мекларен е прв со 608 бодови, следен од Ферари со 584 и Ред Бул со 555 бодови.