Јончевски со изјавите во Скопје ги налутил Литванците за да нѐ прегазат во Клаипеда!
Предводникот на жолто-црвените по првиот натпревар во Скопје (67-82) изјави дека неговите кошаркари имале поголем талент, но дека Литванците победиле благодарение на физичката подготвеност и агресијата. И покрај новинарските прашања, македонскиот стратег ја задржа истата реторика и по вториот дуел во Клајпеда. Литванскиот кошаркар Гитис Раџевичиус, потврди дека зборовите на Јончевски стигнале до нивната соблекувална и дека нивниот тренер Римас Куртинаитис ги искористил за да ја мотивира екипата.
„Секако дека слушнавме за неговите изјави. Тренерот ни рече дека треба да ги сфатиме сериозно таквите зборови. Иако дополнителна мотивација не ни беше потребна, тоа остана во нашите глави“, изјави Раџевичиус.
Сепак, коментарите на Јончевски не ги убедиле сите, па Литванскиот центар Ажуолас Тубелис со насмевка одговори:
„Не знам што мисли тој. Тоа е негово право како тренер, но ниту ќе се согласам, ниту ќе ги негирам неговите зборови“, изјави Тубелис.
Литванските медиуми потенцираат дека Македонија на првиот натпревар настапи со кошаркари, кои играат во домашната лига и Косово, додека во синоќешниот дуел се приклучи и Ненад Димитријевиќ, кој постигна 43 поени и го израмни рекордот за најмногу поени на квалификациски натпревар за Европско првенство. Од друга страна, девет кошаркари на Литванија настапуваат во најсилните европски натпреварувања – Евролигата, Еврокупот и ФИБА Лигата на шампиони. Ова ја истакнува разликата во квалитетот и искуството меѓу двете репрезентации, дополнуваат Литванците.