Со Димитријевиќ во тимот по сензација што ќе ја остави Македонија во игра за Еуробаскет

Македонската кошаркарска репрезентација вечерва од 18:30 часот го игра четвртиот натпревар од квалификациите за Европското првенсгво во 2025 година.

Противник повторно е Литванија со која игравме пред три дена во Скопје и доживеавме убедлив пораз. Разликата е во тоа што сега, во Клаипеда, во составот ќе го имаме најдобриот македонски кошаркар во моментов Ненад Димитријевиќ и со него ќе се обидеме да направиме сензација како онаа во 2011 година кога во Каунас, во четвртфиналето од Европското првенство го победивме денешниот ривал и го остваривме најголемиот успех во историјата на македонската кошарка.

Токму доаѓањето на Димитријевиќ е единствената измена во составот на македонската репрезентација каде ќе го нема најдобриот играч од првиот натпревар Кристијан Николов. Играчот на Пицабулс Џеди Осман доби дозвола од својот клуб само за првиот натпревар и вечерва нема да биде во комбинација. Останатите кошаркари се исти како на претходниот дуел со Литванија, во Скопје.

„Верувам дека со Димитријевиќ работите ќе бидат подобри. Но ќе мораме да го смениме ставот, и да одиграме цел меч, ако сакаме подобар исход“, кратко изјави селекторот на македонската репрезентација Александар Јончевски.

Денешниот натпревар има и друго значење за нашиот национален тим. Со евентуален пораз на Македонија и триумф на Естонија против Полска, официјално ќе згаснат нашите надежи за пласман на Европското првенство. Полјаците како ко-домаќини имаат загарантиран настап на шампионатот, додека ние повеќе не би имале шанси да ги стигнеме Естонија и Литванија, па последние две кола од квалификациите ќе бидат само формалност.