Хаос на кикбокс турнир во Црна Гора: Судија удри тренер и тоа со – пехар во глава (ВИДЕО)

Неверојатни сцени се случија на кикбокс турнирот „Цетиње – Монтенегро Фајт 3“, што се одржа синоќа во спортскиот центар „Цетиње“, откако по завршувањето на еден од мечевите судијата Феѓа Трбоња го удри тренерот на еден од борците со пехар во глава поради негово несоодветно однесување.

Според националната црногорска телевизија, која објави и видео од инцидентот, конфликтот започнал кога тренерот на косовскиот борец Нарт Мехмети (16 години) влегол во рингот по завршување на борбата со противникот Лука Хербер од Црна Гора. Очигледно незадоволен од случувањата на мечот, тој викал и гестикулирал кон тренерот на Хербер, Андреј Ѓелјошевиќ. Судијата Трбоња повеќепати се обидел да го отстрани тренерот, бидејќи во рингот е дозволено присуство само на борците и судиите, но тој го удрил по раката и тоа неколку пати, што довело до тоа делителот на правдата да реагира и да го удри со пехар во лицето.

Инцидентот предизвикал дополнителна тензија, при што борецот Мехмети се обидел да влезе во рингот и физички да се пресмета со судијата. Благодарение на брзата реакција на обезбедувањето, борецот и неговиот тренер биле отстранети од салата.