Продолжува ПМФЛ, Вардар на мегдан со најтешкиот ривал
На врвот на табелата се три екипи со идентичен број бодови (27), зад нив се уште две со по 25, но интересно е и во дониот дел каде три тима ги дели само еден бод. Дербито се игра во Охрид каде Воска го пречекува Вардар во уште една голема битка за опстанок во елитната конкуренција.
Ривалството на Воска и Вардар почна во Втората лига, но тимот од Охрид последната година стана кошмар за „црвено-црните“. Дури ни во годините кога играше во силната југословенска лига, не се памти некој клуб пет пати по ред да го победи Вардар каков што е случајот сега со Воска. Серијата почна во април 2023 кога на домашен терен Воска славеше со 2-1, продолжи минатата сезона во Првата лига кога охриѓани триумфираа на трите меча, додека петтиот триумф во низа го остварија пред крајот на август на Градскиот стадион во Скопја кога победија со 3-1.
Ако сака да ја запре оваа лоша серија, Вардар треба да се истакне денеска на „Билјанинни извори“ во мечот кој почнува од 13 часот. Од последниот меѓусебен дуел, Вардар смени двајца тренери, а денешниот натпревар го очекува во позитивна атмосфера, по триумфот против Шкупи во минатото коло на домашен терен. Двете екипи имаат по 11 бода, а зад нив е само Тиквеш со 10.
Екипите од горниот дел на табелата денеска не се среќаваат меѓу себе, а најинтересно може да биде на Чаир каде Шкупи ќе го пречека ко-лидерот на табелата Силекс. Работнички има шанса да ја прекине серијата од четири меча без победа бидејќи ја пречекува Беса, додека Шкендија има тешко госттување кај Пелистер.
ДВОЈКИ - 15. КОЛО
13:00 часот
Брера - Струга
Гостивар - Тиквеш
Работнички - Беса
Шкупи - Силекс
Воска - Вардар
19:00 часот
Пелистер - Шкендија