Милевски го собори рекордот на Дончевски, стар точно 30 години

Иако долго време оспоруван, селекторот на македонската репрезентација Благоја Милевски го завршува циклусот во Лигата на нации со рекорд кога станува збор за националниот тим.

Тој стана прв селектор во историјата на Македонија кој успеал да оствари пет победи по ред. По ремито против Фарски Острови, нашата репрезентација ги совлада по два пати Летонија и Ерменија и денеска Фарски Острови на домашен терен за да дојде до достигнување кое не му успеало на ниеден претходник на Милевски.

До денеска, тој беше ко-рекордер заедно со Андон Дончевски кој оствари четири победи во првите четири натпревари по формирањето на македонската репрезентација, но сите тие беа од пријателски карактер. Серијата почна 13 октомври 1993 година со историската победа против Словенија во Крањ со 4-1, продолжи на 23 март 1994 со истиот ривал во Скопје кога го победивме со 2-0, а потоа Македонија ги победи Албанија со 5-1 на 14 мај 1994 во Тетово и Естонија со 2-0 на 1 јуни 1994 година во Скопје. Низата ја прекина Турција која на 31 август 1994 година не победи на Градскиот стадион во Скопје со 2-0, исто така во пријателски меч.

Рекордот на Милевски е надополнет со уште едно големо достигнување, негово и на македонската репрезентација - никогаш порано не се случило да не примиме гол на пет меча по ред.