Maкедојската фудбалска репрезентација ја оправда фаворитската улога и славеше победа вечерва над Летонија со 1-0 со која ја продолживме и низата од четири натпревари без примен гол.

Натпреварот започна со повеќе борба на средината на теренот без многу прилики, а првата поголема ја пропуштија Летонците. Македонија најопасна беше во завршницата од полувремето кога пропуштивме неколку прилики.

Најголемата ја имаше Алими кој од непосредна близина шутираше директно во гостинскиот голман. Се заканија уште Трајковски, Чурлинов и Миовски. Лоша вест за нас може да биде повредата на Елиф Елмас кој без контакт со противнички фудбалер побара замена и на негово место влезе Лирим Ќамили.

Во вториот дел Македонија тргна по победата и таквата игра се исплатеше во 57. минута кога Никола Серафимов по еден корнер најдобро се снајде во шеснаесетникот и ја смести топката во мрежата.

Со овој триумф Македонија и математички го обезбеди првото место бидејќи веќе имаме 13 бода, Фарски Острови со шест се второпласирани, додека Летонија и Ерменија се со по четири.

За три дена Македонија ја очекува и последниот натпревар од групната фаза во Лигата на Нации кога во Скопје гостуваат Фарски Острови.