ВАР погрешил со пеналот за Вест Хем против Манчестер јунајтед?

Шефот на англиските фудбалски судии Хауард Веб денеска изјави дека Вест Хем според него не требало да добие пенал во натпреварот против Манчестер јунајтед.

На 27 октомври Вест Хем славеше победа над Манчестер јунајтед со 2-1, а по тој натпревар отказ заработи Ерик Тен Хаг. Судијата Дејвид Кут во прв момент не досуди пенал, но потоа доби повик од Мајкл Оливер од ВАР собата да ја прегледа снимката по која покажа на белата точка.

Фудбалерот на Вест Хем, Џерод Боувен го искористи пеналот и донесе победа за својот тим од 2-1. 

„Мислам дека ВАР таа ситуација погешно ја прочита. ВАР судиите веројатно се фокусираа на ногата на Де Лихт која оди кон Ингс, но не доаѓа во контакт со топката. Топката веќе помина покрај Де Лихт кога тој го има контактот со Ингс. ВАР тоа го гледа како јасен прекршок. Мислам дека премногу беа фокусирани на тој аспект, но за мене тоа е ситуација која требаше да остане да ја одлучи судијата на теренот, каква и да е одлуката. Кога се ќе се собере и одземе, ќе повторам, тоа за мене не е панал“, изјави Веб.

Во изјавата Хауард Веб додаде и дека судиите имаат право да останат на својата одлука и кога ќе добијат повик од ВАР.