Куманово за фрлање петарди и топовски удари казнет со играње пред – празни трибини!

Новиот член на кошаркарската елита, тимот на МКК Куманово, скапо ќе го плати пиротехничкото шоу на навивачката група „Кумани“, откако комесарот за натпреварување, Александар Милојевиќ жестоко го казни за инцидентите на неодамнешниот меч на домашен терен против Феникс.

Кумановци следните два меча на домашен терен, против Работнички и Вардар, ќе ги игра пред празни трибини и тоа поради фрлање тврди предмети, палење факели и фрлање топовски удари и пластични столици. Згора на тоа, новиот прволигаш ќе треба да плати и парична казна во вкупен износ од 67.000 денари, меѓу другото и за навредување на национална основа. Салата против Феникс беше испразнета по пиротехничкото шоу на „Кумани“, на натпреварот доигран без присуство на публика.

Чадни бомби имало и на средбата помеѓу Гостивар и Кожув, поради што гостиварци се казнети парично во износ од 10.000 денари.