„Во Реал нема лидер, недостасуваат Начо и Карвахал да викнат“

Поразот од Барселона пред две недели го тресна од земја Реал Мадрид и очигледно дека европскиот шампион уште не може да заздрави од тоа.

Доказ беше дуелот со Милан, повторно на Бернабе, во кој Реал е уште еднаш совладан и надигран. Тоа предизвика критики од сите страни, како од навивачите, така и од медиумите и новинарите кои се тесно поврзани и наклонети на најтрофејниот шпански клуб. Еден од нив е Хозе Луис Санчез, добро познат во шпанската јавност кој изнезе низа недостатоци во екипата, но и во стручниот штаб.

“Во овој тим на Реал нема борбеност. Ми недостасува на теренот да слушнам како викаат Начо ил Карвахал или да знам дека контролата над соблекувалната ја има крос. Ги нема оние кои беа подготвени да се борат, овој тим на Реал нема душа. Ваква игра е недостојна за европскиот шампион. Уште еднаш се покажаа сите недостатоци на екипата која се распадна под водство на Карло Анчелоти“, вели Санчез.

Начо и Крос си заминаа од Реал по завршувањето на минатата сезона, а Карвахал е повреден и најверојатно ќе паузира до крајот на сезоната. Критики индиректно се упатени и кон Лука Модриќ кој е капитен на овој тим на Реал, а сепак не може да го наметне авторитетот врз помладите.