Цела фамилија се обложила дека ќе добие црвен картон - доби и заврши во полиција!

Напаѓачот на Фламенго, Бруно Енрике е цел на полициска истрага поради намерно добивање на црвен картон со цел членови на неговата фамилија да заработат во обложувалница.

Во поразот на Фламенго од Сантос од 2-1 во ноември 2023 година, Енрике намерно направи прекршок во финишот од натпреварот, а потоа го нападна судијата и доби црвен картон.

Овој потег на Енрике станал сомнителен откако обложувалниците известиле дека имало големи уплати на црвен картон и тоа од членови од семејството на фудбалерот, но и од друга група која е предмет на истрага. Пари на црвен картон ставиле братот на фудбалерот, снаат, братучедката...

За овој случај беа ангажирани повеќе од 50 полицајци и припадници на Специјалната единица за организиран криминал во Бразил.

Од Фламенго велат дека напаѓачот ја има нивната доверба, но најавија и дека целосно ќе соработуваат со полицијата.

Бруно Енрике е фудбалер кој има два настапи во бразилската репрезентација, во Европа играше за тимот на Волфсбург.