Ѓоковиќ ја потврди лошата вест: И да се пласирам – нема да играм во Торино!

Најдобриот тенисер на светот, Новак Ѓоковиќ, се огласи и официјално потврди дека поради повреда нема да учествува на турнирот во Торино дури и ако обезбеди плсман меѓу осумте најдобри оваа сезона.

Неговите шанси за такво нешто не се големи, но со ова соопштение тој ги разреши сите дилеми.

„Чест е да се квалификуваш за Торино. Навистина се подготвував да одам таму, но поради повредата нема да играм следната недела. Се извинувам на сите што планираа да ме гледаат. Им посакувам на сите спортисти успешен турнир, се гледаме наскоро“, изјави Ѓоковиќ.

Популарниот Ноле деновиве присуствуваше на турнирот во Белград, а иако падна на АТП листата (во моментов е петти), годинава го оствари својот сон со освојувањето на Олимписките игри. На негово место главни фаворити за победа на завршниот мастерс сега ќе бидат Јаник Синер, Александар Зверев, Карлос Алкарас, Данил Медведев и Тејлор Фриц. Турнирот во Торино ќе се одржи од 10 до 17 ноември.