Тен Хаг продолжува да шокира: Не го признавам поразот од Тотнем!

Екипата на Манчестер Јунајтед по обврските во Европската лига, каде што завчера ремизираше на гостувањето кај Фенербахче (1-1), го продолжува настапот во Премиер лигата и тоа со утрешното тешко гостување кај Вест Хем.

Во пресрет на дуелот во Лондон, тренерот на „ѓаволите“ се наврати на поразот од Тотнем од пред еден месец, кој неговиот тим убедливо го загуби на домашен терен (0-3). Холандскиот стратег ги шокира присутните новинари со тврдењето дека за него тој неуспех не постои, поради судиска грешка. Бруно Фернандеш доби црвен картон во моментите кога составот од Манчестер имаше еден гол негатива, што подоцна се покажа како пропуст на делителот на правдата бидејќи оваа санкција беше укината, а Португалецот не доби дополнителна казна.

„Не го признавам тој пораз, бидејќи ни беше исклучен фудбалер во моментот кога губевме со еден гол разлика. Не е фер да се зборува за тој меч, зашто јасно е дека по неправилниот црвен картон немавме шанса да се вратиме. Тоа што е поважно е што овој тим подоцна покажа дека има карактер, барем така беше и на европските натпревари со Порто и Фенербахче“, изјави Тен Хаг.

Јунајтед по осум премиерлигашки рунди е дури на 12. позиција на табелата со 11 бодови, веќе десет помалку од лидерот Ливерпул.