Македонски каратист го освои бронзениот медал во кати на СП во Буенос Аирес!

Македонскиот каратист, Дејан Недев, дојде до бронзениот медал во дициплината „кати поединечно“ на ИКУ Светскиот шампионат, кој се одржува во Буенос Аирес.

Тој во конкуренција на 57 каратисти од 44 светски држави само во неговата категорија, дојде до место на пиедесталот, а со малку повеќе среќа можел да дојде и до подобар резултат. Од МТКФ информираат дека судиите влијаеле Недев да не дојде до посјајно одличје.

„Недев беше блиску и до освојување и на златниот медал, но за жал во полуфиналето беше оштетен од судиите, со оглед што неговиот противник од Бразил при изведбата на катата изгуби баланс, но и покрај таквата грешка судиите се одлучија да му ја доделат победата на Хозе Вивас Сантос“, објавија од МТКФ.

Второто место го освои претставникот од Бангладеш Сиад Нуризман. Ова беше прв позначаен резултат на Недев по пауза од три години од големите натпреварувања. Македонските каратисти за две недели ги очекува уште едно големо натпреварување годинава и тоа Светското првенство во традиционално карате во Перу (5-10 ноември).