Колштад го шокира Пик Сегед, ПСЖ го надигра Фуксе среде Берлин

Ракометарите на францускиот гигант ПСЖ триумфираа на незгодното гостување кај големиот ривал Фуксе Берлин со 40-38, додека Колштад направи сензација на гости кај Пик Сегед со 29-27 во шестото коло од Лигата на шампиони (ЛШ)

Двете екипи понудија ефикасно прво полувреме во кое беа постигнати вкупно 40 голови, односно по 20 во секоја од мрежите.

Во вториот дел ПСЖ ја презема контролата и создаде водство кое домаќинот се обиде неколку пати да го анулира, меѓутоа гигантот од Париз славеше со 40-38.

Елохим Пранди постигна девет голови за ПСЖ, додека Матиас Гидсел запиша 10 погодоци за Фуксе Берлин.

Колштад направи вистинска сензација на гостувањето кај Пик Сегед со 29-27 и го оствари вториот триумф во елитното натпреварување.

Најдобар стрелец кај Колштад беше Адриан Алберг со седум голови, додека Марио Шоштариќ постигна девет погодоци за Пик Сегед.