Пелистер ја прифати оставката на Ангеловски и на негово место го врати - Шундовски!

Раководството на македонскиот шампион Пелистер немаше многу време за реакција откако синоќа Бранислав Ангеловски поднесе оставка на тренерската функција, по дебаклот од Алкалоид во домашното првенство.

Утринава оставката официјално е прифатена, а притоа е назначен привемеен тренер кој ќе го води тимот на утрешниот натпревар против Веспрем во Лигата на шампионите.

„Ракометниот клуб Пелистер ја прифати оставката на тренерот Бранислав Ангеловски по натпреварот против Алкалоид. Клубот му се заблагодарува на ангажманот, професионалноста и остварените цели во претходните една и пол година. Му посакуваме среќа и успеси во понатамошните професионални предизвици. Клубот наскоро ќе го именува новиот тренер, а дотогаш екипата ќе ја води Звонко Шундовски“, пишува во соопштението од Пелистер.

Шундовски се спомнуваше како можен тренер и минатата сезона, откако отказ доби Александар Јовиќ, но управата на клубот одлучи да му ја даде довербата на Ангеловски.