Црвена Звезда конечно успеа: Петрушев се врати!

Српскиот репрезентативец Филип Петрушев официјално се врати во тимот на Црвена Звезда, една година откако го напушти клубот.

Сега ќе го облече дресот на белградскиот клуб како позајмен играч од Олимопијакос до крајот на сезоната и ќе се обиде да ја пополни празнината која настана со повредата на Џоел Боломбој. За враќањето на Петрушев се шпекулираше и во текот на летото, неколку пати српските медиуми тврдеа дека е постигнат договор, но 24-годишниот кошаркар, сепак, ја почна сезоната во Олимпијакос.

„Црвена Звезда ја известува јавноста дека во клубот се врати нашиот некогашен член Филип Петрушев. Тој потпиша договор до крајот на сезоната и ќе ја засили екипата на позициите 4 и 5. Црвена Звезда така оствари важна победа и по повеќенедечни преговори ангажираше играч кој имаше огромна желба да се врати во нашите редови“, пишува, меѓу другото, во соопштението од Црвена Звезда.

Петрушев од лани имаше вистинско патешествие. По завршувањето на сезоната 22/23 замина во НБА, во тимот на Филаделфија која ги имаше правата на него. Таму не се задржа долго, одигра неколку натпревари по што беше трејдуван во Сакраменто, но и франшизата од Калифорнија го отпушти за неполн месец. На 28 ноември 2023 година, српскиот кошаркар потпиша тригодишен договор со Олимпијакос за да си замине оттаму 11 месеци подоцна.