Работнички и МЗТ со различни цели и амбиции се враќаат на обврските во АБА 2 лигата

По меѓусебниот бурен натпревар во текот на викендот, најтрофејните македонски клубови Работнички и МЗТ Скопје вечерва ги продолжуваат своите настапи во АБА 2 лигата.

Работнички од 18 часот го пречекува поранешниот европски шампион Босна. Во првите две кола од оваа сезона тимот од Сараево оствари по една и пораз и на табелата е пред Работнички кој доживеа два убедливи порази. Покрај тоа, во текот на викендот, најтрофејниот македонски клуб беше убедливо поразен од МЗТ Скопје и во доста лошо расположение го дочекува вечерашниот дуел.

„Играме против поранешниот европски шампион Босна кој има големи амбиции во АБА 2 лигата оваа сезона. Ќе се обидеме да ги исправиме грешките од претходниот натпревар и максимално да го искористиме домашниот терен. Ќе ни треба максимално залагање и концентрација во сите 40 минути“, рече тренерот на Работнички, Горан Самарџиев.

Два часа подоцна во „Јане Сандански“ почнува дуелот меѓу МЗТ Скопје и словенечкиот претставник Домжале. По поразот од Цедевита Јуниор во претходното коло, аеродромци не смеат да си дозволат нов кикс ако сакаат да останат фаворити за едно од првите две места кои водат во следната фаза од АБА 2. Домжале има максимален ефект по воведните две кола. За разлика од Работнички, чија улога во АБА 2 е апсолутно епизодна, за МЗТ главна цел сезонава е место кое обезбедува пласман во елитната конкуренција.  

„Се среќаваме со исклучително квалитетна екипа за што доказ се стартните две победи. Се подготвуваме максимално и ако одиграме на очекуваното ниво, тогаш ќе бидеме многу блиску до целта. Згора на тоа, играме на домашен терен, каде сум сигурен дека ќе имаме огромна поддршка од нашите верни навивачи кои ги повикувам да дојдат во што поголем број“, изјави тренерот на МЗТ Скопје, Васко Атанасов.