Зидан нема да потклекне пред милионите на шеиците од Саудиска Арабија!

Француската фудбалска ѕвезда, Зинедин Зидан, нема да го замени Роберто Манчини на клупата на Саудиска Арабија, изјави денеска Кристоф Дигари, поранешен фудбалер и голем пријател на популарниот Зизу.

Зидан, кој е невработен од 2021 година, се уште нема преземено ниту еден тим, а според неговиот пријател тој никогаш нема да потклекне пред милионите на арапските шеици.

„Тој нема да оди во Саудиска Арабија. Ако сакаше да оди, одамна ќе беше таму“, рече Дигари, додавајќи дека самиот Зидан не сака да ја потврди или демантира веста, бидејќи сака да води мирен живот.

Неодамна запрашан за неговата иднина, Зизу призна дека не брза да најде работа.

„Веќе поминаа три години откако повеќе не сум тренер на Реал Мадрид. Бев играч, бев тренер. Но денес сакам други работи. Уживам во мојот живот Се грижам за моите деца и за моите внуци, бидејќи неодамна станав дедо, мојот живот е исполнет и тоа е најважното нешто за мене“, рече Зидан.

Познатиот Зидан, кој сега има 52 години, останува популарен на тренерскиот пазар, дискретно одбивајќи понуди од клубови како Пари Сен Жермен, Манчестер Јунајтед и Баерн Минхен. Имаше гласини дека Зидан би сакал да го наследи Дидие Дешан како селектор на Франција, но тој го продолжи договорот до 2026 година.