Ракометарите на Алкалоид го декласираа Пелистер во ракометното дерби во осмото коло со 32-25 и ја запишаа осмата победа во домашната Суперлига.

Алкалоид го имаше водството од самиот старт (5-3), а потоа се играше гол за гол до 20. минута од средбата (10-9), по што избраниците на Кире Лазаров имаа одлична серија и на паузата заминаа со 16-12.

Пелистер во вториот дел не успеа да го скрши отпорот на Алкалоид и да ја намали негативата, туку напротив екипата од Автокоманда создаде предност од шест погодоци (24-18).

Како минуваше времето, така растеше предноста на Алкалоид и до 29-22, по што битолчани станаа свесни дека не може да се вратат во натпреварот, а тоа можеше и да се заклучи по зборовите на тренерот Бранислав Ангеловски на тајм-аутот на осум минути пред крајот, кога почна да прави математики за полесен пораз во случај да се прави мини-табела на првите три екипи на табелата.

Екипата од Автокоманда одигра одлично без грешка до крајот на средбата и славеше со 32-25 за осми триумф оваа сезона во ракометната Суперлига. Најефикасен во редовите на Пелистер беше Кузмановски со 11 голови, додека Серафимов постигна седум погодоци за Алкалоид.

Алкалоид останува стоотстотен во првенството со осум триумфи по исто толку одиграни натпревари, додека зад нив е Вардар со една победа помалку. Охрид има шест триумфи и еден пораз по седум меча, додека Пелистер е четвртопласиран со шест победи и два порази.